Отворен повик за доделување грантови за јакнење на социјални претпријатија водени од жени на територијата на Република Северна Македонија

Отворен повик за доделување грантови за јакнење на социјални претпријатија водени од жени на територијата…

ЗА ПРОЕКТОТ Проектот EWI – Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан, којшто е имплементиран од CARE Balkans во соработка со партнерите: ENECA (Србија), LINK (БиХ), Консалтинг за [...]
ЗА ПРОЕКТОТ

Проектот EWI – Економско вклучување и правда за жените од Западен Балкан, којшто е имплементиран од CARE Balkans во соработка со партнерите: ENECA (Србија), LINK (БиХ), Консалтинг за стратешки развој (Северна Македонија) и Tehnopolis (Црна Гора), со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој (ADA), има цел да ги зајакне и оствари економските права на жените во регионот преку:

  • Развој и унапредување на одржливи бизниси водени од жени;
  • Зголемување на вработливоста на жените преку стручни обуки;
  • Унапредување на институционалните и општествените услови за женско претприемништво;
  • Јакнење на капацитетите на локалните чинители за родово-сензитивни политики.
ЦЕЛ НА ПОВИКОТ

Во рамките на овој повикот ќе биде обезбедена грантова поддршка во вид на набавка на опрема и услуги во вредност до 10.000 EUR за два (2) правни субјекти коишто работат согласно принципите на социјалното претприемништво и коишто се водени од жени.

Целта на повикот е зајакнување на капацитетите и одржливоста на избраните социјални претпријатија, како и нивниот придонес кон вработувањето, социјалната инклузија и одржливиот развој на локалните заедници.

КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПРИЈАВИ?

Повикот е отворен за сите регистрирани правни лица основани согласно закон кои се запишани во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица што ги води Централниот регистар на Република Северна Македонија, коишто работат на територијата на Република Северна Македонија и ги исполнуваат следните критериуми за социјално претприемништво:

  • Имаат мисија, цел и/или програма за работа за постигнување на позитивно општествено, економско и/или еколошко влијание, особено преку:
  • Заштита на животната средина,
  • Поддршка на локалниот социо-економски развој,
  • Вработување/поддршка на жени од ранливи групи (долгорочно невработени жени, жени со попреченост, жени од рурални средини, самохрани мајки, припаднички на малцински етнички заедници).
  • Имаат јасно дефинирана идеја и план за унапредување на своето работење и општествено делување.
  • Водени/управувани се од страна на жени или жени се мнозински сопственички.
  • Вршат постојани економски активности за остварување на мисијата и во последните 12 месеци имаат докажано активно работење.
  • Остварената добивка од економските активности ја користат за остварување на утврдените цели (за постигнување на позитивно, општествено, економско и/или еколошко влијание).
  • Средствата и имотот не ги распределуваат помеѓу членовите, основачите, правните застапници, членовите на органите на управување, вработените како и со нив поврзаните лица.
  • Во процесот на работењето ги консултираат  вработените, волонтерите и корисниците на социјалното претпријатие.  
  • Работат транспарентно и отчетно во исполнувањето на својата општествена, економска или еколошка цел (јавно ги објавуваат годишните извештаи за програмското и финансиското работење/годишната сметка/финансискиот извештај/постигнувањата).
  • Имаат независно управување за определување и остварување на целите и дејностите, кое не е контролирано од страна на органите на државната управа, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје или од други профитни субјекти.
ВИДОВИ НА ПОДДРШКА

Во рамките на овој повик, ќе бидат доделени следниве видови на поддршка:

  • Два (2) гранта со поединечна вредност до 10.000 EUR за набавка на опрема и услуги коишто се неопходни за развој и унапредување на социјалното претпријатие. За вредноста на грантот може да се набави само опрема (100% од грантот) или опрема и услуги (80% од износот на грантот за набавка на опрема и до 20% од вредноста на грантот за набавка на услуги).
  • Менторска поддршка за развој и унапредување на социјалното претпријатие (финансиско планирање, маркетинг, мерење на општественото влијание и сл.)
  • Промоција и вмрежување во рамки на проектот.

Преку проектот нема да се набавува ниту доделува: половна опрема, суровини (вклучително биолошки материјал), репроматеријали, ниту опрема за трговски објекти-продавници (освен во случај тие да претставуваат интегрален дел од производниот или услужниот социјален бизнис).

ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
  • Уредно пополнета и потпишана пријава/формулар (Прилог 1)
  • Изјава за исполнување на критериумите за социјално претприемништво (Прилог 2), пополнета на меморандумот на правното лице
  • Јасно дефинирана идеја и план за унапредување на деловното и општествено работење на социјалното претпријатие со поддршка од грантот (наведени во пријавниот формулар)
  • Решение за регистрација на правното лице
  • Статут или акт за основање
  • Завршна сметка за 2024 (Биланс на состојба и Биланс на успех).
 НАЧИН И РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

Пријавата/формуларот заедно со придружната документација (вклучително и планот за унапредување) потребно е да се пополни и достави најдоцна до 19 декември 2025 година до 17.00 часот по електронски пат на електронската адреса: contact@sdc.com.mk со наслов: „Пријава за програмата за поддршка на социјалното претприемништво“.

ЕВАЛУАЦИЈА И ИЗБОР НА ГРАНТИСТИ

Евалуацијата и изборот на грантисти ќе ги врши евалуациска комисија врз основа на следниве критериуми:

  • Степен на ускладеност со принципите на социјалното претприемништво.
  • Одржливост и општествено влијание на предложеното унапредување на работењето на претпријатието.
  • Капацитет за реализација.

Пред носење на одлуката за избор, членови на Комисијата имаат право да посетат или да интервјуираат претставници на социјалните претпријатија кои влегле во потесен избор.

ИНФОРМАЦИИ И ПРАШАЊА

Одговори на евентуални прашања и дополнителни информации може да се добијат по емаил на: contact@sdc.com.mk или со повик на следните телефонски броеви: 070 33 55 13, 071 266 350.

ПРИЛОЗИ
  1. Пријавен формулар
  2. Изјава за исполнување на критериумите за социјално претприемништво